ДО ПЕНДАРОВСКИ ДОШЛО БАРАЊЕ ЗА ВРАЌАЊЕ НА ГРУЕВСКИ: „Јас бев еден од проблемите затоа што не сакав да го поддржам негово помилување“
Поранешниот претседател Стево Пендаровски, во интервју за „360 Степени“ истакна дека за време на неговиот мандат како претседател на Македонија, имало барање за враќање на екс премиерот Никола Груевски.
Тој истакна дека во неговиот претседателски кабинет се разговарало за враќање на поранешниот македонски премиер, Никола Груевски и дека за тоа постојат транскрипти.
Пендаровски посочи дека на еден од овие состаноци, каде присуствувале и американската и ЕУ-амбасадорот, врвот на СДСМ го сметал за проблем бидејќи не сакал да го помилува Груевски. Пендаровски се загрижил за одговорноста и инсистирал да се донесе закон за амнестија преку Собранието.
„Во тој период, имаше шпекулации, па морам да бидам искрен: во рамки на врвовите на тогашната владејачка партија, јас бев еден од проблемите затоа што не сакав да го поддржам помилувањето на Груевски. Во тој момент, тој веќе имаше две правосилни пресуди и можеше да се врати само преку моето помилување или закон за амнестија во Собранието. Таков закон беше донесен во 2018 година, со 92 гласа од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, делумно опфаќајќи и други лица, вклучително и оние кои гласаа за уставни измени“, истакна Пендаровски.
Пендаровски вели дека таквото барање, за враќање на Груевски во Македонија, дошло од неговата, тогаш владејачка партија, СДСМ со крајна цел да влијаат на ослабување на ВМРО-ДПМНЕ пред изборите во 2024 година.
