До март нема да има решение со Бугарија?
Преговорите со Бугарија продолжуваат.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи оптимистички најавува наскоро одржување на првата Меѓувладина конференција за почеток на преговорите на земјава со Европската унија. Османи рече дека неговите очекувања од Португалија се позитивни, но и дека се надева на помошта од Германија да продолжи.
„Знаете дека претседателствата функционираат во рамки на тријада, односно на три претседателства кои што ги координираат активностите, насоките и политиките така да очекувам Германија да продолжи со својот ангажман Ние ќе работиме одблиску веќе овие денови испраќаме наш дипломат во Португалија со цел да биде во блиска комуникација со португалските власти но ќе ја продолжиме и комуникацијата со другите земји членки паралелно со комуникацијата со Република Бугарија“, изјави Османи.
Премиерот Зоран Заев вели дека македонската страна не може да утврди каде е проблемот, и дека во овој период кога кај нив се подготвуваат за избори, не може да се решат чувствителни прашања.„Јас можам да сфатам стојалишта да разговараме дури и за минатото зошто не, минатото пред се е на историчарите, ние политичарите треба да ја отвораме иднината но дефинитивно тоа не значи дека не треба да правиме напори веднаш. Јас разменив пораки и честитки со сите премиери за да си честитаме новата година секако и со претседателот на Владата на Република Бугарија“, изјави Заев.
Отворените прашања со Бугарија не се очекува да се решат до одржување на парламентарните избори во март годинава.
Бугарија стави вето на македонските преговори со ЕУ.
