ДО КРАЈОТ НА МЕСЕЦОВ ДОАЃА ГОЛЕМА ПРАТКА, А ВО ЈУНИ ДОАЃА ИСТО ТАКА ГОЛЕМА ПРАТКА ОБРАСЦИ??? - еве што кажа Бојмацалиев за пасошите
Стигнати се 20.000 обрасци, до крајот на месецов ќе стигне дополнителна пратка, како и во јуни, никој никого не саботира во МВР, изјави денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски оствари средба со раководството на Секторот за внатрешни работи Куманово.
Одговарајќи на новинарски прашања за промена на документите, Бојмацалиев рече дека досега се издадени над еден милион и триста илјади пасоши.
- Никој никого не саботира во ова Министерство. Само ќе кажам дека дента кога се направи примопредавањето меѓу министерот Спасовски и министерот Тошковски, стигнаа 50.000 обрасци, пред некој ден стигаа 20.000, не се работи за никаква саботажа. До крајот на месецов очекуваме поголема пратка. Исто така и во јуни доаѓа голема пратка што ќе ги задоволи сите потреби за граѓаните, оние кои се сликале да ги добијат документите, рече Бојмацалиев.
Во однос на информациите дека дел од државите дозволуваат влез во нивните држави со стари патни исправи, дополнителниот заменик министер кажа дека државите треба да си донесат став и ги повика македонските граѓани да извадат документи.
- ЕУ треба да донесе став, дали ќе ги прима граѓаните со старите пасоши кои по наш закон повеќе не се во важност. Има одредени држави кои уште ги примаат граѓаните, одредени не. Не сакам да кажувам имиња, за да не направиме забуна меѓу граѓаните. Најдобро е граѓаните да ги искористат капацитетите на МВР, да дојдат и да земат нова патна исправа. До овој момент над 1.300.000 граѓани ги сменија патните исправи, што е значителна бројка, ако ги земеме предвид политичките инструкции кои ги имавме изминатите три години, рече Бојмацалиев.
