Економија, финансии, бизнис

Контакт

До кога Македонија има рок да исполни два отсто од буџетот за АРМ?

До кога Македонија има рок да исполни два отсто од буџетот за АРМ?

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денот на отпочнување на преговорите со НАТО во интервју за МИА порача дека Македонија ќе го запази рокот за одвојување на два отсто од годишниот буџет за потребите на АРМ.

–  За тоа Македонија презема обврска и пред НАТО, но ја преземавме како обврска и пред нашите институции, со нашиот стратешки одбранбен преглед, дека секоја година парите коишто се насочуваат кон Армијата и кон одбраната ќе растат и до 2024 планираме да го достигнеме посакуваното ниво од два проценти од БДП.
Тоа е главната тема околу која се кршеа копјата и во НАТО, тоа е тема којашто е важна за Македонија, но ние и без членството во НАТО велиме дека беше неприфатливо, нелогично и неодговорно што Македонија десет години по ред го намалуваше своето финансирање на Армијата. И се доведовме до ситуација институцијата којашто има најголема доверба помеѓу македонските граѓани да страда поради тоа што немаше задоволени елементарни услови - вели Шекеринска.

Вицепремиерката ги исправа некои забуни дека парите што ќе се одвојуваат не се директно за членување во НАТО, туку за македонската армија.

- И сега една по една ги решаваме тие отворени точки во Армијата. Големите пари не се пари кои Македонија ќе ги плати на НАТО, туку пари кои Македонија ќе ги инвестира во својата одбрана, во својата Армија, во своите капацитети. Средствата коишто се издвојуваат како поддршка на Алијансата односно како членарина во Алијансата се мали и за нив ќе се преговара и во целиот овој процес но во принцип не се суми коишто предизвикуваат внимание како што предизвикува оваа обврска за два проценти - појасни Шекеринска.

Додава дека чекор по чекор се решаваат елементарните потреби и проблеми во АРМ.

- Еве, оваа година, поради тоа што ги зголемивме парите во буџетот за одбрана успеавме да обезбедиме чизми за секој војник. Во тек ни е набавка за две униформи буквално за секој припадник на АРМ. Значи дека ќе одат пари во одбраната, ама тоа се пари кои ќе останат во Македонија и ќе бидат за доброто на Македонија.
Кога доаѓаат кризи никој не прашува колку чини ама ќе имаш капацитет да се справиш со кризата ако на вистински начин, паметно, инвестираш. Ние имаме Армија која е нешто под седум илјади припадници заедно со Министерство за одбрана и другите капацитети, тоа се околу осум илјади луѓе коишто работат за да Македонија биде безбедна во ситуација на надворешна закана или во ситуација на друг тип закани по безбедноста на нејзините граѓани. За такви потреби морате да инвестирате. Инаку ќе зависите од волјата на некои други коишто ќе ви помогнат. Предноста на членството во НАТО е што во такви ситуации можете да искористите капацитети и од своите соседи и од други земји членки на НАТО без во тие ресурси да инвестирате самостојно - додава таа.


Слично

Поврзани вести