До година средношколците од Сарај ќе учат во ново училиште
Идната учебна година во општина Сарај ќе почне да работи новото средно училиште,. Денеска беше поставен камен темелникот. Објектото ќе има површина од 1.700 метри квадратни и капацитет за 350 ученици во една смена. Училиштето ќе има осум училници, четири кабинети и една училница-работилница, а се прави со цел да го олесни пристапот до средно образование на младите од општината.
На поставувањето на камен-темелникот присуствуваа вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери, министерот за образование и наука Спиро Ристовски и неговиот заменик Сафет Незири, заменик-претседателката на Собранието на РМ Сузана Салиу и градоначалниците на Скопје и на општината Сарај Коце Трајановски и Беким Мурати.
„Објектот ќе биде израз на модерна архитектура, современо опремен и уреден за да одговори на потрребите за продуцирање на соодветните образовни профили, а ќе располага и со сопствен систем за греење“, изјави министерот министерот за образование и наука Спиро Ристовски кој додаде дека наставата ќе се одвива на албански јазик.
Кон присутните се обрати и првиот човек за спроведување на Рамковниот договор, Муса Џафери, но со оглед на тоа што говореше само на албански јазик, голем дел од високите државни претставници не го разбраа говорот.
Проектот за средното училиште е тежок 48 милиони денари, а инвеститор е Министерството за образование и наука. Проектант е дело на компанијата „Идеја плус“ од Скопје, а изведувач е скопската фирма „Алкон-проект“.
