ДО 600 ЕВРА ХОНОРАР: Од утре оглас за попишувачите
Конкурсот за пријавување на кандидати за реонски попишувачи и инструктори ќе биде објавен утре соопшти Државниот завод за статистика. Конкурсот ќе биде објавен во 4 дневни весници, како и на веб-страницата www.Popis2021.stat.gov.mk каде што од утре во 8:00 часот ќе биде активна и апликацијата за електронско пријавување. Во март кога имаше оглас зашто пописот требаше да се одржи во април се тврдеше дека попишувачите ќе имаат хонорар од околу 600 евра.
Денеска ДЗС ги повикува сите заинтересирани, како и сите оние кои се пријавија на првиот повик во март годинава, да ја пополнат апликацијата и да станат дел од големиот пописен тим кој во септември ќе го спроведе долгоочекуваниот Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија.
„Придонесот на секој еден од нас во пописните активности претставува придобивка за сите. И како директни учесници во спроведувањето на Пописот и како даватели на податоци – придонесуваме за креирање на една прецизна слика на состојбите во државата во точно определен момент. Оваа прецизна слика ќе овозможи донесување на издржани политики, базирани на најнови податоци, со кои ќе се планира развојот на секое поле од живеењето и работењето, велат од Заводот за статистика.
Конкурсот ќе трае до 5 август по што ќе следи тестирање, избор и обука на избраните кандидати.
Пописот, како што е најавено, ќе се спроведува според здравствените протоколи издадени од Комисијата за заразни болести, а кои предвидуваат целосна заштита и на граѓаните и на попишувачите. Заради дополнителна здравствена заштита секој жители ќе има право да се попише надвор, во двор ако живее во куќа, или пред зграда или на тераса доколку живее во стан. Ако граѓанинот се одлучи попишувачите да ги прими во домот тогаш е можно само еден од нив да влезе за да се избегне гужва. Протоколите за заштита предвидуваат носење заштитна опрема, држење растојание и забрануваат послужување храна и пијалак, во смисла кафе, чај или нешто друго од страна на домаќините.
Податоците за секој жител ќе се внесуваат електронски.
