До 3.000 евра плата: Апликациите се отворени за работа на Јадранот
Апликациите за сезонска работа во угостителството, туризмот и трговијата веќе се отворени, а заработката ова лето се движи од околу 800 до дури 3.000 евра месечно, зависно од позицијата и искуството.
Најголема побарувачка има за келнери, готвачи, помошен персонал во кујна, рецепционери и чистачки, а во најголем дел од понудите се обезбедени сместување и храна, со цел да се привлече работна сила.
Според платформата Sezonal.com, регрутацијата започнала уште на почетокот на годината, особено кај големите хотели и хотелски синџири во Хрватска и Црна Гора, кои се подготвуваат за туристичката сезона.
Иако Хрватска нуди повисоки плати, како членка на Европската Унија воведе построги процедури за вработување странци, поради што работодавачите сè почесто бараат кандидати со ЕУ документи. Сепак, поради недостиг на работна сила, ангажманот на работници од регионот останува значаен, при што најчесто работодавачите ја водат постапката за дозволи.
Сезоната на Јадранот трае до пет месеци, а околу 90 проценти од работодавачите нудат сместување и оброци, додека дел обезбедуваат и еден слободен ден неделно.
Поради построгите услови во Хрватска, се очекува дел од сезонските работници да се насочат кон Црна Гора, каде процедурите се поедноставни.
Според проценките, ова лето ќе бидат потребни меѓу 90.000 и 100.000 сезонски работници во регионот, од кои околу 5.000 само во Будва.
