До 10 јуни нула случаи, сега 14: Градоначалникот на Ресен очекува бројката и натаму да расте
Ресен до пред пет дена важеше за единствениот македонски град без ниту еден заболен од коронавирусот од почетокот на епидемијата, на 10 јуни беше пријавен првиот случај, на 12-ти имаше уште двајца нови, за денеска да биде објавено дека вкупно се 14.
Претходно „Фокуд“ информираше дека меѓу заболените има келнер, професорка, бербер и продавач на пазар, а според профилот на професии, се стравува дека бројот ќе се зголемува поради големиот број на контакти.
- Во наредните денови очекуваме бројот на новорегистрирани случаи во нашата општина да расте. Морам да ги пофалам граѓаните кои се доста совесни, посебно по појавата на првиот случај. Низ општината се забележува слаба раздвиженост, се почитуваат мерките, нема групирања, изјави Живко Гошаревски, градоначалникот на Ресен.
Според него, најголемиот број на заразени се асиптоматски случаи, вработени во угостителски локал, каде пред два дена беше регистриран позитивен случај, односно лице вработено во ресторанот.
- Помеѓу нив имавме едно лице кое е вработено во угостителски локал, каде потоа беа тестирани сите вработени. Се работи за над 40 лица, бидејќи во склоп на фирмата функционира локалот, но и фабрика за производство на мед. Поголемиот дел од новите 14 лица се всушност вработени во ресторанот, значи позитивен е голем дел од перосналот како и луѓе кои работеле во кујната. Првиот позитивен од локалот пројавил симптоми, па поради тоа побарал тестирање, додека останатите засега немаат никаков симптом – објави градоначалникот.
