Економија, финансии, бизнис

Контакт

„ДЛАБОКО СУМ ШОКИРАН И ПОВРЕДЕН ОД ВЕСТА ЗА МОЈОТ РОДИТЕЛ“ - портпаролот на Вреди ги замрзна политичките активности по информациите за неговиот татко

„ДЛАБОКО СУМ ШОКИРАН И ПОВРЕДЕН ОД ВЕСТА ЗА МОЈОТ РОДИТЕЛ“ - портпаролот на Вреди ги замрзна политичките активности по информациите за неговиот татко

Портпаролот на коалицијата „Вреди“, која е дел од владиното мнозинство, Фари Хисени, попладнево во објава на Фејсбук потврди дека лицето Д.Х., кое денеска беше приведено поради сомненија за полов напад на малолентик, е неговиот татко. 

„Длабоко сум шокиран и повреден од веста што се појави во медиумите за мојот родител. Не можам да го најдам вистинскиот збор да го опишам овој момент! Ако овие наводи се покажат точни, тоа ќе биде страшен удар, не само за мене, туку и за целото мое семејство. Само помислата дека се соочувам со ова ми ја крши душата“, напиша Хисени на социјалната мрежа.  

Дополнително, во објавата, тој соопшти дека решил да ги замрзне своите политички активности оти, како што вели, не сака да создаде впечаток дека преку функцијата што ја извршува може на било кој начин да влијае на институциите кои го истражуваат случајот.  

„Како луѓе, ние сме одговорни само за нашите сопствени постапки и вредностите за кои се залагаме, но тоа не ја менува мојата решеност да дејствувам. Затоа, за да не создадам некакво недоразбирање или погрешен впечаток, решив привремено да ги замрзнам моите политички активности. Не сакам од функцијата што ја имам да изгледам дека можам на кој било начин да влијаам врз институциите кои го истражуваат ова чувствително прашање. Цел мој живот сум активист за човекови права, борејќи се против неправдата и насилството. Не можам да бидам индиферентен, без разлика од каде потекнува“, вели портпаролот на „Вреди“. 

Истовремено, тој бара во овие тешки моменти да се почитува приватноста на неговото семејство. 


Претходно, Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека повело постапка против 58-годишен скопјанец за кого постои сомнение дека извршил други полови дејствија врз дете родено 2008 година, со што сторил кривично дело согласно член 186 став 7 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Во раните утрински часови денеска, осомничениот во парк во една населба го сретнал малолетникот со кого претходно се познавале и го повикал да разговараат, по што започнал да го допира.

Малолетникот успеал да се извлече и го пријавил во полиција.

Со цел обезбедување на осомничениот и непречено водење на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска за јавување кај надлежен државен орган, одземање на патна и друга исправа за преминувањe на државната граница и забрана за воспоставување контакт со оштетениот.

Судијата на претходна постапка попладнево ги прифати предложените мерки.

Слично

Поврзани вести