Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДЛАБОКО ПОГРЕШНА ИЗЈАВА КОЈА ГИ ПОТКОПА НАПОРИТЕ НА НЕЈЗИНИОТ КОЛЕГА - Пендаровски за изјавата на Закаријаш

ДЛАБОКО ПОГРЕШНА ИЗЈАВА КОЈА ГИ ПОТКОПА НАПОРИТЕ НА НЕЈЗИНИОТ КОЛЕГА - Пендаровски за изјавата на Закаријаш

За Република Словенија немојте да имате никакви дилеми. Словенија не е Португалија. Словенија е еден од најдобрите адвокати за влезот на целиот Западен Балкан во ЕУ. Словенија има искуство со регионот. Словенија најдобро го знае регионот, рече претседателот Стево Пендаровски на денешната прес-конференција со претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ во Загреб, одговарајќи на новинарско прашање.

„Во однос на словенечката Влада која оперативно ќе го води претседавањето во следните шест месеци немаме апсолутно никакви дилеми дека ќе направи најдобро што може, што е во нивна компетенција. Меѓутоа, зборувајќи за претседавачите на ЕУ, лавовскиот дел од работата е меѓу Скопје и Софија во нашите директни преговори. Немам никакви сомнежи и контроверзии дека Словенците во однос на ова прашање – интеграцијата за Западниот Балкан, ќе бидат одлични претседавачи“, рече Пендаровски.

Во однос на изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања Ана Паула Закаријаш дека „јазикот на Македонија, некогаш бил дел од бугарскиот јазик“, Пендаровски оцени дека тоа е длабоко погрешна изјава која ги поткопала сите напори кои нејзиниот колега од истата влада ги правел месеци наназад.

„Добрата вест е што португалското претседателство заврши, јас се надевам дека нашите пријатели од Република Словенија кои го преземаат кормилото на Европската Унија, следните шест месеци, ќе продолжат долж истата патека со полно уважување на виталните национални државни интереси на двете страни, инаку поинаку не може да се дојде до договор“, рече Пендаровски.

Хрватскиот претседател Милановиќ од своја страна оцени дека Македонија и Албанија на „безобразен начин“ се држат пред вратата на Унијата.

„Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите што поскоро и тоа нема да биде лесно. Ваквите пораки кои се испраќаат се обесхрабрувачки, дури и дискриминирачки“, смета Милановиќ.

Слично

Поврзани вести