Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДКСК отвори предмет за спорните работи откриени во ИЈЗ

ДКСК отвори предмет за спорните работи откриени во ИЈЗ

Државната комисија за спречување на корупцијата(ДКСК) соопшти дека денеска на колегиум, постапувајќи согласно своите надлежности утврдени со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, по сопствена иницијатива отвори предмет во врска со наодите содржани во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија, а кои се однесуваат на Институтот за јавно здравје.

Предметот е отворен поради потребата од проверка на наводите изнесени во јавноста и медиумите, како и согледување на евентуални ризици од корупција, судир на интереси, злоупотреба на службена положба или други неправилности во работењето, во рамките на надлежностите на ДКСК.

„ДКСК ќе ги преземе сите потребни дејствија за прибирање и анализа на релевантната документација и информации од надлежните институции, со цел утврдување на фактичката состојба. За понатамошниот тек на постапувањето, јавноста ќе биде навремено информирана“, посочуваат од ДКСК.

Во извештајот на Државниот завод за ревизија се наведува дека во ИЈЗ постоел несоодветен начин на наградување на вработените, како и набавка на непотребна медицинска опрема, била купувана опрема која веќе ја поседувале, наместо онаа што навистина недостигала. Дополнително, биле набавувани електронски уреди како компјутери, лаптопи и мобилни телефони со пониски технолошки спецификации од оние што биле платени. Исто така, бил склучен договор за телекомуникациски услуги со двојно повисоки цени – наместо 80 илјади денари биле исплатени 1,5 милиони денари. Во извештајот се споменува и кабел долг 15 километри, набавен за 15 илјади евра, за кој не се знае каде се наоѓа.

Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска вчера на прес-конференција по објавениот извештај на ДЗР изрази надеж дека Јавното обвинителство ќе реагира за утврдените неправилности во овој Институт пред таа да дојде на чело на институцијата.

И полицијата има оформено предмет за ИЈЗ.

Слично

Поврзани вести