Дивата сеча на шумите, коруптивни зделки за личен профит
Со диво сечење на шумите, преку коруптивни зделки, до личен профит. Надлежните институции за надзор, контрола и санкции инволвирани во „црниот“ бизнис на илегална сеча и препродажба на дрва. Со корупција, слепи пред организираните криминални групи кои организирано ги пустошат шумите, открива серијалот „Парадокс“ во утрешната емисија „Стадион“ во 10.00 часот на Канал 77.
Првиот Национален парк во Македонија, Пелистер со вкупна површина од 17.150 хектари е со непроценливо изобилие на најразлична флора и фауна. На овој планински зелен смарагд растат 88 дрвни видови, што претставува 29 отсто од вкупната дендрофлора на нашата земја. Плодна почва за да се развие нелегалната сеча, да се појават дрвокрадци, а со тоа и коруптивни зделки за свој личен профит.

На 21- ви јануари 2019 година Основниот суд во Битола донесе пресуда за службено лице – командир на Одделението за шумската полициска станица во Битола при Министертсвото за земјоделство, шумарство и водостопанство кој е обвинет за кривичното дело „примање поткуп“ од член 357 став 1 од Кривичниот законик. (К-580/18)
Битолчанецот Л.Ј своевремено како командир на Шумската полициска станица во Битола во текот на месец октомври 2018 година, директно побарал за себе од сведокот Б.Т пари во вредност од 30.000 денари, за во рамките на своето службено овластување да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши – односно да се откаже од поднесеното барање за водење прекршочна постапка по член 69 од Законот за шуми, против сопругата на сведокот Б.Т и правното лице ДООЕЛ „Т.С товарен патен транспорт“, поднесено од обвинетиот до Основниот суд во Битола (ПРК О – 173/18), по кое барање на 26- ти октомври 2018 година во судот било закажано рочиште. По што на истиот ден околу 14 часот во просториите на Основниот суд во Битола примил од сведокот 20.000 денари, во банкноти од по 2.000 денари претходно фотографирани од страна на овластените службени лица на СВР Битола, а потоа пронајдени при личен претрес кај обвинетиот, непосредно по нивното предавање во просториите на Основниот суд Битола.

Останатиот исход од случајот можете да го прочитате на следната сторија. Во меѓувреме продолжуваат да „исчезнуваат“ дрва на Пелистер и на останатите зелени планини низ земјата. Не е мал ниту бројот на кривични пријави и пресуди против дрвокрадци, како и пријавите против службените лица од шумската полиција, за што продолжува да информира серијалот „Парадокс“.
