Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДИСЦИПЛИНИРАНИ КЛИЕНТИ СИЛНА БАНКА „ГРАДАТ“ - Комерцијална објави профит од 23 милиони евра и раст од 20 проценти за три месеци, еве на што се должи

ДИСЦИПЛИНИРАНИ КЛИЕНТИ СИЛНА БАНКА „ГРАДАТ“ - Комерцијална објави профит од 23 милиони евра и раст од 20 проценти за три месеци, еве на што се должи

Најголемата банка во земјава, Комерцијална, откако ланската година ја заврши со историски највисока добивка од над 80 милиони евра, годинава продолжува со растот на својата профитабилност. 

Банката преку Берзата со инвеститорската заедница ги сподели извештаите за првите три месеци од годинава, а Билансот на успех говори дека Комерцијална банка во првиот квартал годинава оствари добивка од над 23 милиони евра, која е за 20,1 отсто поголема од 19,1 милон евра во истиот период од минатата година. Планот за бруто-добивката има реализација од 110 проценти.

Од образложението кое го приложи банката, може да се види дека нето приходите од камати, како постојан главен извор на приливите од работењето на банката, во првиот квартал можеби не „бриљирале“ и имаат само минимален раст, што се должи на намалувањето на каматната маргина, но затоа клиентите на банката биле дисциплинирани и навреме ги враќале кредитите, што придонело да се намалат исправките на вредност, односно еден од најголемите трошоци на расходната страна во билансот на банката.

„Во периодот од 01.01. до 31.03.2025 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.416,5 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.179,1 милиони денари, што претставува зголемување за 20,1 отсто. Планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 110 проценти“, се наведува во образложението.
Од банката таму објаснуваат дека позитивниот резултат од работењето е остварен во услови на нагласени ризици од надворешното окружување, особено зголемените геополитички тензии, осцилациите на светските пазари како резултат на неизвесноста од воведените тарифи од страна на САД, како и намалената економска активност на главните трговски партнери на државата.

Дополнително, домашната инфлација забележа одредено забрзување во првиот квартал (достигна 5,0 отсто и 4,2 отсто на годишно ниво во февруари и март), што влијаеше Народната банка да ја води монетарната политика на внимателен начин.

„Остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 1,1 отсто поголема во однос на истиот период минатата година. Зголемувањето на добивката пред исправка на вредност главно произлегува од зголемените нето курсни разлики и зголемените нето-приходи од камати“, посочуваат од Комерцијална банка.

Вкупните приходи од работењето изнесуваат 2.024,4 милиони денари и бележат зголемување од 1,3 отсто во однос на истиот период минатата година.

Нето-приходите од камата се основна компонента во вкупните приходи од работењето и на крајот на март имале минимално зголемување од 0,8 отсто во однос на истиот период минатата година. Планот е исполнет со 100,1 отсто.

Приходите по основ на камата се зголемени за 1,3 отсто, при што најголем пораст бележат приходите од камата од домаќинствата и нефинансиските друштва како резултат на зголемените пласмани, како и приходите од камата остварени од секторот држава поради зголеменото вложување во државни хартии од вредност. Расходите по основ на камата се зголемени за 5,2 отсто поради зголемените орочени депозити споредено со истиот период минатата година. 

Нето каматната маржа на ниво на Банката е намалена од 3,94 отсто на крајот од првиот квартал од минатата година, на 3,65 отсто на крајот на првото тримесечје од оваа година.

Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 334,8 милиони денари и во однос на истиот период минатата година бележат минимално намалување од 0,5 отсто. Нето-приходите од курсни разлики биле 113,3 милиони денари и бележат зголемување од 17,3 отсто во однос на истиот период минатата година, во најголем обем поради зголемениот промет на девизниот пазар. 

Останатите приходи од работењето изнесуваат 87,2 милиони денари и бележат зголемување од 0,9 отсто во однос на истиот период минатата година, главно како резултат на зголемените наплатени претходно отпишани побарувања. 

Оперативните расходи биле 553,3 милиони денари и во однос на минатата година се зголемени за 1,8 отсто, во најголем дел како резултат на зголемениот износ на плати и други трошоци за вработените, а во помал обем и поради зголемената амортизација. 

На расходната страна, нето исправката на вредност на финансиските средства изнесува 49,8 милиони денари и бележи позначително намалување во однос на истиот период минатата година кога изнесуваше 274,6 милиони денари. Намалувањето кај исправката на вредност на финансиските средства во првиот квартал од 2025 година главно се должи на добрата финансиска дисциплина и редовното сервисирање на обврските по кредити од страна на клиентите.

Н.Н.Ф.

Слично

Поврзани вести