ДИРЕКТОРОТ ОДЛУЧУВАЛ КОЈ ЌЕ ДОБИЕ ТЕРАПИЈА: Мизрахи откри детали за случајот онкологија
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи која ја води Анкетната комисија во Собранието за скандалот со онкологија, изјави дека директорот на Клиниката за онкологија без стручен колегиум со своерачен потпис одлучувал кои пациенти ќе добијат биолошка терапија.
Во гостување на ТВ21 Мизрахи рече дека ова сознание е во согласност со извештајот на Државниот завод за ревизија и дека допрва треба да се разгледа целиот извештај кој уште не е поминат на седница.
„Согласно извештајот на Државниот завод за ревизија кога терапијата била препишувана за одреден пациент, зборувам за биолошката терапија, не стигало до требување во депо на самата терапија, туку се барало, била централизирана моќта, директорот конечно да овласти со своерачен потпис преку целиот лист хартија, дали тој пациент ќе ја добие или нема да ја добие“, вели Мизрахи.
Граѓаните протестираа во повеќе наврати со барање да има одговорност за скандалот. Има и истрага за случајот. Лекари и сестри од клиниката се осомничени дека продавале лекови на „црно“ на Косово.
