ДИРЕКТОРОТ НА УПРАВАТА ЗА САНКЦИИ ЌЕ БИДЕ ПРВА ЖРТВА НА БЕГСТВОТО - засега не се чепка директорот на Идризово, бил дојден со странски препораки
Владата ќе го разреши директорот на Управата за извршување на санкции, Марјан Спасовски, од чија работа не е задоволен премиерот Димкитар Ковачевски.
„Јас не сум задоволен од работата на директорот на Управата и почнав процес на селекција на нов директор на Управата за извршување на санции“, изјави Ковачевски.
Разрешувањето се прави на владина седница, но според Ковачевски, тоа нема да се случи на утрешната редовна, туку на некоја од следните седници.
Одговорност или разрешување, засега, не се бара за директорот на Идризиво. Шпенд Тахири бил неодмна назначен, а директорското место го добил во консултации со меѓународни институции.
„Во Идризово има нов директор од пред неколку месеци и промената беше направена на претходниот врз основа на консултации што ги имав со меѓународни институции во делот на управувањето на затворски систем и на финансиски интитуции кои финансираат унапредување на затворскиот систем на државата. Врз основа на тие консултации направивме промена на директорот на затворот во Идризово. Сега врз основа на неколкуте пропусти кои што се направени ќе имаме нов директор на Управата на извршување на санкции“, вели Ковачевски.
А токму од таа управа, пак, во текот на денешниот ден информираа дека вонредниот надзор во Идризово открил низа пропусти во постапувањето на затворските службеници. За транспортот на Мемети требало да побараат дозвола од директорот на затворот.
„Одлуката за да може осуденикот да биде спроведен до Клиничкиот центар ја донел Командирот на оддееление и ја потпишал наредбата за спровод. За да ја потпише, Командирот мора претходно да го извести директорот на установата, што во овој случај не е направено“, покажува надзорот на Управата за извршување санкции.
Не се почитувало ниту правилото за транспорт на Мемети. Иако требало да седи во обезбедениот дел од возилото, по предлог на Командирот, затвореникот седел во вториот ред седишта, а полицаецот кој седел до него, не реагирал кога Мемети му го одзел пиштолот и пукал во возилото.
Пропустите ги истражува обвинителството. Тројцата затворски полицајци и сменскиот командир за обезбедување ги сомничи дека му помогнале на затвореникот да побегне и се соочуват со казна затвор до пет години.
