Директорот на „Шутка“: Од каде да знаеме дека М.Ј. не му направи алиби на Груевски?
Ѓоко Котевски, директорот во оставка на истражниот затвор „Шутка“, вели дека поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески три недели шетал заедно со тие што го нападнале пред да побара интервенција во болница. Според првиот човек на скопскиот притвор, тоа би можело да изгледа како добра прилика за алиби за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски.
- Можеби и една од работите нотирана како пропуст е намалената комуникација во вертикалата. Но нам непобитен факт ни е дека М.Ј. три недели беше тука и шеташе со истите тие лица од групата. Од каде да знаеме дека не се договориле меѓу себе за да се случи инцидент, за да го оправдаат тоа дека Груевски ќе биде небезбеден овде и дека затоа побегнал? И лицата што ги гледаа снимките потврдија дека тоа е нешто што е монтирано, инсценирано и плански направено. Го осудувам инцидентот и можам да дополнам дека, според мене, сето тоа беше направено за да му се остави отворена врата на Груевски за да нема екстрадиција. Но што ќе правиме сега кога допрва ќе треба да одговара за настаните од 27 април?, вели Котевски на едно од прашањата во интервјуто за „МКД“.
Котевски во моментов е во оставка, која треба да биде формализирана по завршувањето на претседателските избори. Тој ја поднесе на барање на премиерот Зоран Заев по нападот над поранешните министри Јанакиески и Спиро Ристовски од страна на двајца осуденици од Диво Насеље. Не е сигурен дали би поднел оставка доколку тоа од него не го побарал Заев, но вели дека многу нешта треба да се сменат во организацијата на истражниот затвор.
- Не можам да одговорам на тоа прашање. Од тогаш до денес чувствата ми се измешани и многу работи ги гледам од различна перцепција. Чувствувам одговорност од аспект дека не сум се борел доволно да ја наметнам потребата институцијата да биде видлива во очите на Министерството за правда и Управата за извршување на санкции, иако сите чинители кажуваат дека постојат сериозни проблеми во делот на кадарот. Можеби не сум се борел доволно во делот на правдата да им се наметнам на Владата на Република Северна Македонија, на Управата. Искрено, сега работите ги гледам од друг агол и сфаќам дека со ставањето на работите под тепих ништо не се решава, наведе Котевски.
