Директорот на руски Гаспром во Македонија, што се случува со „Јужен тек“?
Директорот на руската енергетска компанија Гаспром, Алексеј Милер денеска допатува во посета на Македонија, по што следеше средба во Владата со премиерот Никола Груевски. Темата била договорот за Јужен тек и реализацијата на кракот од гасоводот.
Како што соопшти владата, на средбата било разговарано за анализите од ефикасноста на гасоводот, односно било оценето дека со неговата изградба ќе дојде до зголемена потрошувачката на гас во Македонија, а тоа ќе донесе поевтинување на гасот. Во соопштението уште стои дека Милер истакнал дека Македонија е влезена во развојните планови на компанијата и има интерес да ја разгледа можноста и за други инвестиции во земјава.
Од друга страна пак, премиерот го информирал Милер дека наскоро се очекува склучување на договорот со руски Строј Транс Гас , за и конкретно да започне поставувањето на цевките за гас на македонска територија со што ќе се овозможи пристап до гас за индустријата и домаќинства во земјава.
Договорот со Руската Федерација, Македонија го потпиша на 23-ти јули во Москва, а двете страни оценија дека тој е добра основа за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји.
Со договорот се обезбедуваат сигурни количини гас за Македонија, што значи дека ќе се изгради крак кој ќе води кон земјава, што е единствен начин на дистрибуција на поголеми количини гас. Кракот кон Македонија ќе доаѓа од Србија или од Бугарија, што доплнително ќе биде договорено. Договорот е основа за натамошен развој на гасификацијата во Македонија, а значаен е и за економскиот развој на земјата бидејќи во иднина сите домаќинства и индустриски капацитети ќе можат да имаат пристап до природен гас.
Инаку денеска беше објавено и дека компанијата Гаспром во првиот квартал оствари приход од продажба на гас во износ од 43,9 милијарди долари и профит од 20 милијарди долари со што ги надмина очекувањата на аналитичарите.Забележан е раст на сите главни индикатори во Гаспром, додека европскиот пазар за гас продолжува да зајакнува, а резултатите од првото тромесечје во 2013 година, покажаа континуирана позитивна долгорочна побарувачка за рускиот природен гас.
Слично
