Директорот на Пошта до Апасиев: Точно е дека три дена не работевме, ама не ги навредувај работниците
Директорот на АД Пошта, Орхан Куртиши, се огласи на социјалните мрежи и го прозва лидерот на Левица, Димитар Апасиев, дека ги навредува вработените во акционерсктоо друштво. Тој потврди дека поштата не работела три дена, но дека од денес услугите се вратени во функција.
Апасиев преку објава на социјалните мрежи ја критикуваше работата на Пошта на Македонија, тврдејќи дека институцијата веќе трет ден не прима писма, поради што, според него, адвокати пропуштаат законски рокови за поднесување жалби.
„Кога Димитар Апасиев нема факти, прибегнува кон лаги, навреди и евтин популизам.
Да, Поштата три дена не работеше поради сериозното невреме и техничките последици што ги предизвика, но денес работењето е целосно нормализирано и сите услуги се одвиваат непречено.
Наместо да покаже елементарно разбирање за вонредна состојба, Апасиев избра да шири дезинформации, да навредува илјадници вработени и да собира политички поени врз грбот на институцијата.
ЈП „Пошта на Северна Македонија“ нема да биде заложник на нечии политички фрустрации. Граѓаните заслужуваат факти, а не измислици и евтини политички претстави“, реагира Куртиши.
Во објавата пратеникот изнесува и низа обвинувања за работењето на претпријатието, меѓу кои дека има лица вработени по Рамковниот договор и дека, според неговите тврдења, има вработени кои издржуваат затворска казна во Италија, а и понатаму примаат плата. За овие наводи не приложува докази, туку ги повикува новинарите да ги проверат.
Слично
