Директорот на МРТ, Марјан Цветковски заработи кривична пријава
Единицата за економски и компјутерски криминал при Секторот
за внатрешни работи Скопје, до Основното јавно обвинителство за гонење на
организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против директорот на
Македонската радио телевизија М.Ц.(40)
за стрено сториле кривично дело „Злоупотреба на службена положба и
овластување“ по член 353 став 5, а во врска со член 22 од КЗ на РМ.
Освен за директорот на МРТ, кривичната пријава се однесува и
за Г.С (56) кој бил застапник на фирмата „Аналитика“.
Според податоци од полицијата, директорот М.Ц, и покрај укажувањата од
Комисијата за јавни набавки на МРТ дека треба да се прифати намалената единечна
месечна цена од 87.637,50 денари што ја понудила „Аналитика“ наместо почетната
единечна месечна цена од 175.000 денари, сепак склучил спогодба за јавна
набавка на услуги со вкупна вредност од 2.100.000 денари без пресметан ДДВ,
односно 175.000 денари единечна месечна цена без пресметан ДДВ.
„М.Ц и Г.С. на 29.07.2016 година склучиле „Рамковна спогодба за јавна набавка
на услуги“ со вкупна вредност на истата од 2.100.000 денари без пресметан ДДВ
односно 175.000 денари единечна месечна цена без пресметан ДДВ, иако знаеле
дека согласно последната постигната аукциска цена спогодбата требало да биде
склучена на износ од 1.051.650 денари без пресметан ДДВ за 12 месеци или
87.637,50 денари единечна месечна цена без пресметан ДДВ“, стои во соопштението.
Со тоа обвинетите М.Ц. и Г.С. го оштетиле буџетот на МРТ во вкупен износ од
1.237.053 денари со пресметан ДДВ, а од друга страна прибавиле противправна
имотна корист за „Аналитика“ во износ од 1.048.350 денари.
