Директорот на Конзерваторски центар ќе биде разрешен по уривањето на хотелот „Шар Ан“
Фото: Само Прашај
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ќе го разреши привремениот директо на Конзерваторски центар Скопје Константин Димитровски, кој е дел од групата која беше приведена за уништување на Старата скопска чаршија како споменична целина.
Димитровски од завчера е во домашен притвор за уривањето на хотелот „Шар ан“ кој со законот е прогласен за културно наследство. Споменикот бил урнат со цел да се отуѓи и присвои земјиштето. На 13 декември МВР и Обвинителството објавија дека пријавена е група од 11 члена, од кои двајца се во бегство.
„Константин Димитровски, кој е на позицијата в.д. директор на Конзерваторски центар-Скопје, секако дека ќе биде разрешен и ќе биде поставен раководител, со кој ќе може непречено да функционира институцијата“ рекле од Министерството за култура.
Групата го урнала хотелот „Шар Ан“ во Скопската чаршија и го отуѓила просторот, со намера на крај земјиштето да се впише како сопственост на управител на приватна фирма. Уапсени се и други тогашни функционери поставени на други клучни институции.
Лицата се теретат за повеќе дела, а според полициските информации, запленети се голем број на докази. Петмина се уапсени за злоупотреба на службената должност и овластување. Според Обвинителството, направена е штета од 3 милиони евра.
