Економија, финансии, бизнис

Контакт

Директорот на Царинската управа го осуди нападот над царинскиот службеник на Блаце

Директорот на Царинската управа го осуди нападот над царинскиот службеник на Блаце

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, го осуди инцидентот во кој косовски државјанин е лишен од слобода откако избегал при царинска контрола на  граничниот премин Блаце, при што со возилото оттурнал и неколку метри влечел царински службеник
„Најостро го осудувам синоќешниот напад врз нашиот царински службеник на граничниот премин Блаце. Напад врз цариник кој ја извршува својата законска должност е напад врз државата, врз институциите и врз безбедноста на сите граѓани.

Попладнево се состанав со колегите кои синоќа, со исклучителна присебност, професионалност и храброст, спречија обид за криумчарење на околу еден килограм марихуана. При редовна царинска контрола, сторителот се обиде насилно да избега од граничниот премин, притоа загрозувајќи го животот на царински службеник кој се обидуваше да го спречи неговото бегство.

Нашите царински службеници секојдневно се соочуваат со сериозни ризици. Кога откриваат дрога, оружје, непријавени пари или друга нелегална стока, тие не запираат само криминал, туку ги штитат државата, граѓаните и владеењето на правото.

До сите мои колеги упатувам искрена благодарност и порака: продолжете професионално, внимателно и одлучно да ја извршувате својата должност. Јас и раководството на Царинската управа цврсто стоиме зад вас.

Очекувам институциите целосно да го расчистат случајот, а одговорниот да ја понесе заслужената законска одговорност. Насилството нема да нè заплаши. Напротив, ќе нè направи уште поодлучни во борбата против криминалот и во заштитата на границите и безбедноста на државата“, се огласи Николовски.


Слично

Поврзани вести