Директорот на Царина, Сугарески, ја задржа својата висока функција во СДСМ
Горан Сугарески ја задржа својата висока партиска функција во СДСМ.
Актуелниот директор на Царинската управа е избран по вторпат за претседател на Надзорниот одбор на СДСМ.
Како што е познато, тој партиски орган вчера попладнето ја одржа првата седница по конгресот кој се одржа во неделата, кога беше избран и нов состав на Централниот одбор на СДСМ, а потоа и нови Извршен одбор, потпретседатели и секретари на партијата.
Надзорниот одбор составен од 9 члена е задолжен за надгледување на финансиската и деловната активност на партијата, за оценување на статутарноста на актите и одлуките кои се носат, а надлежен е и за спроведување на Етичкиот кодекс.
„Надзорниот одбор на СДСМ во иднина фокусот на работата го става токму на одговорноста, отчетноста и почитувањето на Етичкиот кодес од страна на сите избрани и именувани функционери, но и на сите членови“, велат од владејачката партија.
