Директорот на Агенцијата за разузнавање: Македонски пасоши добивале лица со искуство од Сирија и ликвидации во Украина и Грција
Станува збор за случајот со 215-те незаконски издадени пасоши за нарко-босови и лица опасни за нашата, и за безбедноста на други држави, при што се отвори прашањето како е можно оперативните служби во МВР, АНА и АР да немале индиции дека нешто се случува .
„Очекувано е да се појават импликациите од ваквата појава на незаконско издавање патни исправи на лица, членови на криминални и екстремистички групи. Фактот што таквите лица поседуваат „легална“ патна исправа сериозно ги попречува напорите за нивно оперативно следење, идентификување на нивната локација и активности. За сознанијата со кои располага АР, навремено ги информираше надлежните институции и партнерските служби. Загрижува фактот што со вакви патни исправи се стекнале екстремисти со искуство од Сирија, членови на криминални банди, вмешани во ликвидации во Украина и Грција и поединци инволвирани во сериозни форми на организиран криминал, поврзани со трговија на наркотици и перење пари“, одговара Муслиу на едно од прашањата во денешното интервју за ДВ.
Тој додава дека овој случај треба да ни биде поука во иднина за зајакнување на безбедносните стандарди во државните институции, поголем професионалнен интегритет кај вработените и ефикасни заштитни механизми.
