Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и уште тројца одат во притвор
На четворица од петтемина осомничени за давање и примање поткуп, меѓу кои и на актуелниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјодeлството, Основниот кривичен суд Скопје попладнево им одреди мерка притвор од 30 дена.
Tие беа приведени во вчерашната акција во која се вршеа претреси на повеќе локации низ државата и денеска беа изведени на распит пред судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд.
Притворите на четворица од осомничените, како што информираа од Судот, им се изречени поради опасност од бегство, можноста за влијание врз сведоци и повторување на делото.
„Судија на претходна постапка, по произнесување на петтемина осомничени, кои попладнево беа спроводени во судот, донесе решенија со кои за : Џ.Н., А.Ф. Ф.Ф. и И.С. го прифати предлогот (на ОЈО ГОКК нз.) и на сите четворица им определи мерка притвор од 30 дена заради постоење на основите од точките 1,2 и 3 (од Законот за кривична постапка), односно опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото“, се вели во информацијата од Кривичен.
За петтоосоменичната во случајот, со иницијали Ј.К., Судот, како што инфирмираа оттаму, го прифатил променетиот предлог на јавниот обвинител и ѝ определил мерка куќен притвор.
Инаку, првично Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција бараше притвор за сите петмина осомничени.
