Директорот Мојсовски очекува да се отвори судница во КПД Идризово
За втората фаза од најавената реконструкција на КПД Идризово се предвидени нови објекти за затворениот дел, шест на број и ново женско одделение, изјави Боби Мојсовски, директорот на затворот, во репортажа на МИА.
-Втората фаза подразбира и нов објект за најголемиот истражен затвор, што ќе биде во рамките на КПД Идризово и шест нови згради за затвореното одделение. Новиот истражен затвор ќе има судница, за да се намалат нашите трошоци и да бидат достапни притворениците за судовите, вели Мојсовски.
Во моментов во затворот има околу 140 припадници на затворската полиција, но потребен е далеку поголем број за нормално функционирање.
- Тие се во четири смени, користат годишни одмори, имаат слободни денови, во женскиот дел имаме боледувања. Имаме недостиг од затворска полиција и бевме спречени да го отвориме полуотвореното, додава затворскиот управител.
Според стандардите би требало да има еден полицаец на осум затвореници, а Мојсовски појаснува дека состојбата во затворот во моментот не е на тоа ниво поради недостиг од затворска полиција.
- Во моментов добивме одобрување за 44 нови вработувања за 2018 година. Во 2019 година побаравме уште согласности, затоа што во моментов во КПД Идризово има 163 слободни места според систематизација, вели Мојсовски.
