Директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“ негира вина за масовното труење
Директорката на гостиварското јавно претпријатие „Комуналец“, Артана Асани ги негира тврдењата на МВР дека причина за епедимијата која веќе погоди околу 1.200 жители во Гостивар се поставените пумпи на „Комуналец“ во корито за истечни отпадни води, кои потоа навлегле во гостиварскиот водовод.
Според информациите од СВР Тетово, три пумпи биле поставени во корито на истечни отпадни води. Преку нив, водата директно се внесувала во главниот цевковод што го снабдува Гостивар со вода за пиење.
Оваа активност, според полицијата, најверојатно била преземена со цел да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода, со што директно се загрозува здравјето на граѓаните.
„Пумпите се поставени на 25 јуни годинава, само за симулација, користени се само крако време во раните утрински часови за да се провери дали проектот ќе биде функционален. Веднаш потоа се исклучени, а таа вода во првиот испуст во селото Равен е испуштена во реката Вардар. На 26 јуни направени се анализи и истите се исправни“, изјави директорката Асани за 360степени.
Асани приложува микробиолошката анализа на примероци од водата земени по симулацијата од 29 јуни 2026 година, според кои во тој период водата е исправна за користење.
Директорката смета дека епедемијата не предизвикана од водата, туку од храната и од топлото време.Фото: СВР Тетово
