Директорката на ФЗО се огласи во јавност: Не смеам да зборувам за откупот што го бараат хакерите, отворена е истрага
Системот е вратен во функција откако беше подложен на хакерски напад пред нешто повеќе од две недели, а во меѓувреме проструи информација дека хакерите за да ги вратат податоците бараат 40 милиони евра во криптовалути.
- Не смеам да кажам дали некој ни побара откуп од страна на хакерите. Отворена е истрага и за ова не смеам да коментирам, рече Филиповска Грашкоска пред медиумите.
На прашањето зошто 14 дена никаде ја немало со изјава пред јавноста, рече дека во тие моменти макотрпно се работело на справување со проблемот.
Фондот за здравство на денешниот брифинг со новинарите извести дека по хакерскиот напад, од вчера продолжила исплатата на обврските и парите легнале на сметка на здравствениот персонал, аптеките и добавувачите на јавните здравствени установи.
Финансискиот директор Миле Сугарев рече дека ФЗО во изминатиот период не седел со скрстени раце и дека цело време се работело на деблокада на системот по хакерскиот напад.
Филиповска Грашкоска рече дека целиот систем на ФЗО е на сервери, а допрва треба податоците да се пренасочат во заштитен клауд систем.
Таа ги отфрли шпекулациите дека при мигрирање на податоците од серверите во клауд системот е направен сајбер нападот и нагласи дека допрва треба да започне оваа миграција.
Првиот човек на Фондот упати апел до граѓаните дека личните податоци на граѓаните се заштитени и дека нема да бидат злоупотребени.
Анита Буховски
