Директорката која поддржува вакцинација се повлекува од Клиниката за детски болести
Во следните неколку дена министерот за здравство Венко Филипче ќе добие одговор дали Катерина Ставриќ, директорката на Клиниката за детски болести ќе се предомисли или сепак ќе остане на ставот дека се повлекува од функцијата.
Како што пренесоа дел од медиумите, Ставриќ поднела оставка од функцијата во текот на изборната кампања.
„Директорката на Клиниката за педијатрија за време на изборниот период поднесе оставка. Треба деновиве да разговараме да видам за што станува збор, дали ќе остане на таа идеја да се повлече или ќе сака и понатаму да продолжи да раководи со Клиниката. Доколку остане на идејата да се повлече ќе разговараме со друг кандидат за директор“ – кажал Филипче.
Имено, таа е позната во јавноста како лекар кој поддржува вакцинација.
Позитивно за вакцините во интервју за Фактор се изјасни и актуелната директорка на Клиниката за детски болести и имунолог Катарина Ставриќ.
„Со вакцинирање на децата родителите го чуваат здравјето на сопственото дете, но истовремено со тоа го чуваат и унапредуваат здравјето и на другите деца. Со тргнување во градинка и во школо, децата треба да бидат индивидуално заштитени, но истовремено треба и да се чува и здравјето на сите деца во училиштето или градинката тое е т.н колективен имунитет. Ретко постојат одредени контраиндикации за вакцинација и тоа се одредени состојби кај кои привремено не се спроведува вакцинацијата затоа што овие деца се под ризик од разболување“, додава Ставриќ која нагласува дека и тие деца имаат уставно право да посетуваат градинка и школо, но да бидат заштитени од потенцијални инфекции за кои постои превенција.
Вакцините се спас за човештвото и најголема придобивка, велат повеќето педијатри во државата.
„Се обидувам да им одговорам на сите нивни прашања со одговори поткрепени со научни докази за да им ја објаснам важноста на вакцинацијата како една од најдобрите придобивки на човештвото. Децата се заштитуваат од болести кои се шират многу лесно и може да се предизивикаат епидемии. Тоа се особено тешки болести во доенечкиот период и не ретко може да завршат и со летален исход или да остават доживотни последици по здравјето на детето“, дополнува проф.др. Ставриќ .
