Директорка на школо од Кавадарци со општински пари полнела гориво на возила кои не биле во сопственост на училиштето
Две кривични пријави заработи директорка на училиште од Кавадарци.
Според информаците на МВР В.Ј.(62) од Кавадарци ја искористила својата службена положба и овластување како директор на Основното училиште “Страшо Пинџур“ од Кавадарци така што извршила злоупотреба на средствата кои биле потрошени за гориво преку користење на картичка за гориво.
„За набавка на гориво за единственото службено
возило со кое располагало училиштето во посочениот период потрошила средства во
износ од 457.500 денари, а според вкупната измината километража во овој период
со возилото, реално биле потрошени 161.840 денари. Пријавената исплаќала гориво
од средствата на училиштето за други возила кои не биле во сопственост на
училиштето, ниту пак дала образложение или причина за користење на возилото и
горивото. Пријавената во 2014 и 2016 година извршила набавка на гориво без
притоа да ги почитува одредбите од Законот за јавни набавки и да распише
постапка за јавни набавки. На тој начин пријавената направила вкупна
материјална штета на буџетот на училиштето, односно буџетот на Локалната
самоуправа-Кавадарци во вредност од 295.660 денари“, велат од МВР.
Второто кривично дело пријавената го сторила во периодот од 2014 до 2016 година, при што во својство на директор на ОУ, склучила пет договори за привремени услуги со четири физички лица на вкупен износ од 88.640 денари и истите не ги завела во деловодната книга. Овие услуги и работни задачи кои биле предмет на договорите воопшто не биле изведени од овие лица, односно дел од нив биле извршувани од страна на веќе вработени лица во училиштето без надомест, а на лицата наведени во договорите им биле исплатени парични средства наведени во договорите, со што пријавената направила материјална штета на буџетот на училиштето, односно на буџетот на Локалната самоуправа-Кавадарци во вредност од 88.640 денари.
