Економија, финансии, бизнис

Контакт

ДИРЕКТОР НА КОМУНАЛЕЦ СТРУМИЦА ДЕЛЕЛ ПАРИ ЗА НЕИСКОРИСТЕН ГОДИШЕН ОДМОР - ги почастил и колегите, доби кривична пријава

ДИРЕКТОР НА КОМУНАЛЕЦ СТРУМИЦА ДЕЛЕЛ ПАРИ ЗА НЕИСКОРИСТЕН ГОДИШЕН ОДМОР - ги почастил и колегите, доби кривична пријава

Поранешен директор на јавно претпријатие во Струмица доби кривична пријава бидејќи во дури 47 наврати ја злоупотребил службената положба и нелегално си „приграбил“ финансии, но им дали и на други лица - вработени во претпријатието. 
Со тоа го оштетил буџетот на претпријатието за над еден милион денари, објави Министерството за внатрешни работи. 

- СВР Струмица, до Основното јавно обвинителство Струмица, поднесе кривична пријава против З.Г.(57) од Струмица поради постоење основи на сомнение дека во 47 наврати сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Пријавениот, во својство на директор на Јавното претпријатие „Комуналец“ - Струмица, во текот на 2022 и 2023 година во повеќе наврати ги пречекорил границите на своите службени овластувања и постапил спротивно на Законот за работни односи. 
Тој, повикувајќи се на Колективниот договор за уредување на правата, обврските и одговорностите на работниците во ЈП „Комуналец“ – Струмица, донесувал одлуки за исплата на паричен надомест, односно одлуки за обештетување за неискористени денови од годишни одмори за него и за неколку други лица, вработени во јавното претпријатие. 
Притоа, во 2022 година по тој основ за него и за 24 други лица од јавното претпријатие биле исплатени вкупно 593.259 денари, додека пак во 2023 година за него и за 21 друго вработено лице по тој основ од јавното претпријатие биле исплатени вкупно 502.179 денари - појаснуваат од МВР.

Потоа додаваат дека со ваквите постапки, пријавениот го оштетил буџетот на јавното претпријатие за вкупен нето износ од 1.095.438 денари.


Слично

Поврзани вести