Дирекцијата за заштита и спасување ќе вработува нови пилоти
Дирекцијата за заштита и спасување ќе се дооекипира со ангажирање на нова група на пилоти. Според информациите од Владата на Република Македонија треба да се најде соодветно решение за ангажирање на нови пилоти за потребите на Дирекцијата за заштита и спасување.
Дирекцијата за заштита и спасување располага со „Ер-трактори“ кои се мини авиони за гаснење на пожари и може да истурат поголема количина на вода на соодветна површина, а се погодни особено за гасење на шумски пожари со кои Македонија во изминатите години имаше најголеми предизвици да се справи.
Некогаш во минатото авионите на ДЗС беа приземјени поради техничка неисправност или немање сертификати на ангажираните пилоти, особено кога беснееја шумски пожари.
Првите два противпожарни авиони во Македонија беа испорачани во ноември 2009 година, додека третиот беше испорачан на почетокот од 2010 година. Шест пилоти успешно ја завршија обуката до крајот на јуни 2010 година и веќе во јули, август и септември истата година успешно се справуваа со поголеми шумски пожари.
Македонија според анализите на експертите покрај трите „Ер трактори“ може да набави намајлку уште три за соодветно да одговори на предизвиците за гаснење пожари и интервенции за да се зголеми капацитетот на ДЗС. Тоа ќе значи и поголем трошок, па засега нема најави од страна на Владата дали ќе се набават и нови авиони.
Набавката на авионите "Ер Трактор" беше иницирана како добро проценета и осмислена државна реакција по катастрофалните пожари кои во Јули 2007 година ја погодија Македонија.
Х.С.
