Дипломатите се враќаат во Скопје, амбасадорот на крај на месецот, Дачиќ и Димитров утре на средба!
Првиот потпретседател на Владата на Србија и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ и македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров ќе се состанат утре во Ниш, каде по пат на дијалог ќе започнат решавање на отворените прашања со цел унапредување на пријателските односи на двете држави и двата народи.
Како што е соопштено од МНР по телефонскиот разговор на двајцата министри, денес ќе почне враќањето на персоналот на српската Амбасада во земјава, а враќање на амбасадорот на Србија е најавено за 31 август.
По враќањето во Скопје, амбасадорот, според пишувања на српските медиуми, ќе бара средба со премиерот Заев, веќе на први септември.
„Врз основа на договорот на претседателот на Србија Александар Вучиќ и македонскиот премиер Зоран Заев, министрите за надворешни работи Дачиќ и Димитров, и двете министерства по пат на дијалог ќе ги решаваат сите отворени прашања, со цел унапредување на пријателските односи на двете земји и двата народи. Во таа цел, Дачиќ и Димитров во петок ќе се сретнат во Ниш, се наведува во соопштение од српското МНР.
