ДИОМИДИС НИКОЛЕТОПУЛОС, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА УО НА СТОПАНСКА БАНКА СКОПЈЕ - бидете силни и истрајни, секоја криза во одреден момент ќе биде надмината
Со надеж за нова поуспешна година, со желби за подобро здравје за сите, крајот на оваа година традиционално го одбележуваме со серија обраќања на познати бизнисмени, банкари, претприемачи, директори на компании, брокери, или со еден збор сите релевантни чинители од домашната деловната заедница.
Неизвесноста која се наметна со пандемијата, продолжи низ годините, сега, пак, најмногу изразена преку високите цени на енергенсите и инфлацијата. Фактор во деновите пред и после Новата година со читателите ги споделува обраќањата на првите луѓе на најуспешните компании, фондови, консултанстки друштва...
Денеска ги пренесуваме за вас впечатоците и очекувањата на Диомидис Николетопулос, Генерален извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД - Скопје.
Стопанска банка веќе подолг период покажува одлични остварувања и импресивни резултати, вклучително и оваа година. За првите 9 месеци од 2022 година наспроти предизвиците и потешкотиите, Стопанска банка постигна раст на кредитното портфолио од 7,1 отсто на годишно ниво, со реализирана профитабилност пред оданочување од 37,2 милиони евра. Овие постигнувања не прават горди и ни даваат поттик и оптимизам да продолжиме со истото успешно темпо на работење и во годините што претстојат.
Очекувања за наредната година
2023 година се чини дека ќе биде уште една година исполнета со предизвици, дури и да се изнајде разрешница на кризата, изгледа дека негативниот одраз ќе биде присутен подолго време. Нашите клиенти ги чувствуваат од прва рака ефектите од кризата и знаат што да направат, но на овој крстопат ќе им треба нашата поддршка, дотолку повеќе што изминатите години не подучија да се надеваме на најдоброто, но во исто време да сме подготвени за најлошото. Се што можам да им кажам е дека секоја криза во одреден момент ќе биде надмината, да бидат силни и истрајни, да бидат внимателни и прудентни во изборите кои ќе ги прават, но во исто време да не го губат оптимизмот и динамичноста во наоѓање на решенија и искористување на нови можности.
Интересна новина што за наредната година ја планира банката
Што се однесува до нашата понуда за новитети, би сакал да нагласам дека ние на нашите клиенти, граѓаните и компаниите, им нудиме пред се сигурни и безбедни дигитални решенија кои ги задоволуваат нивните најзначајни потреби. И повеќе од тоа, работиме на иновации и им нудиме нови производи и услуги со кои се прошируваат полињата за соработка и се зацврстува заедничката релација.
