Димовски: Законот за јазиците е плод на партиски пазарења
Илија Димовски најави дека ако биде целосно усвоен новиот Закон за употреба на јазиците ќе поведе постапка за оценување на неговата уставност и побара од претседателот на државата Иванов да стави вето.
„Нашите сограѓани имаат потреба од прецизирање, имплеметирање, па и подобрување на употребата на албанскиот јазик, но таква потреба имаат и Турците, Србите, Ромите, Бошњаците и Власите. Ние мораме да покажеме разбирање и спремност за таквите барања. Но, човековите и јазични права не се срамни и не се за под тезга како постапката за носење на овој закон. Зошто тајно, зошто исклучиво, зошто со злоупотреба на европско знаме, зошто без јавна расправа, зошто без професори, факултети и институти, зошто поените на партиите се позначајни од потребите на граѓаните. Овој документ не треба да помине, а сите треба да работиме на документ во согласност со меѓународните стандарди, во согласност со Уставот и врз база на суштинските потреби на нашите сограѓани“, напиша Димовски на фејсбук.
Тој истакнува дека законот е донесен како плод на партиски пазарења помеѓу партиите, а не како плод на суштинска, длабока и сеопфатна анализа на реалните потреби на помалубројните етнички заедници. Според него, овој закон ја загрозува позицијата на македонскиот јазик во Република Македонија, но и ја загрозува унитарноста и иднината на нашата држава.
