Димовски: Нема да може да се повикуваме на културно наследство настанато на територија на денешна Грција
По Договорот од Преспа нема да може да се повикуваме на културно наследство настанато на територија на денешна Грција, изјави денеска на комисија во Собранието, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
Со ова тој реплицираше на пратеничката на НСДП Соња Мираковска.
„Дафино вино црвено“, Врања коња јавам јас“, и многу македонски песни што ги пееме и играме се настанати во Егејска Македонија. Дури и седум-осминскиот такт е настанат таму. Конечно, Крсте Мисирков, врз кој ја темелиме националната и јазичната идентификација, никогаш не живеел на територија на денешна Македонија“ – рече Димовски.
Појасни дека Македонците во соседните држави не може да се третираат како дијаспора, туку, како што истакна, Уставот ги препознава како автохтон дел од тие територии. Пратеникот потенцираше дека Македонци во соседна држава и македонска дијаспора е сосема различна работа.
„За разлика од нашите кои живеат во Мелбурн, Торонто, Цирих, овие Македонци во соседниве држави, кои што Уставот ги препознава како елемент со посебна заштита од нашата држава, не се дијаспора. Македонците во Благоевград, во Лерин или во Голо брдо или на Гора во Косово се автохтоно население на таа територија“- потенцираше Димовски.
Димовски реплицираше и дека избирачкиот список се составува врз база на регистар на државјанство. Рече дека кај нас во Република Македонија статусот на жител или не жител апсолутно не е поврзано со гласач или негласач, туку тоа е поврзано со статусот државјанство.
