Димовски: Има тенденција во Собранието да се направи некој нов инцидент
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски oбвинува дека има тенденција во Собранието да се направи некој нов инцидент, кој го провоцираат претседателот Талат Џафери и другите пратеници.
Тој порачува Талат Џафери да си ја спушти својата нервоза која сè поочигледно е присутна.
„Го разбираме, средина на август е, можеби имал поинакви планови за овој месец, доведен е во ситуација да работи секојдневно, но обврската на сите нас е да бидеме и прибрани, и пристојни, и коректни и да се трудиме да не дојдеме до ситуација на какви било инциденти и провокации во Собранието“-вели Димовски.
Она што е право на пратениците треба да е право на пратениците, она што е обврска на пратениците треба да е обврска на пратениците, додава Димовски.
Тој апелираше да се доведе во ред работата на Собранието, во однос на почитување на Деловник, почитување на Закон и почитување на Устав.
Власта пак бара да не се „кочи“ работата на Парламентот.
