Димовски до власта: Се чувствувате како на меден месец, се уште сте во еуфорија
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, побара од Владата да не доставува предлог закони по скратена постапка затоа што на тој начин според него се намалува квалитетот на расправата во парламентот.
Тој рече дека 90% од владините закони предложени од Владата, се по скратена постапка.
„Ве разбирам, се уште се чувствувате како на меден месец, сѐ уште сте во еуфорија затоа што кратко сте на власт. Но, ве уверувам дека на овој начин ќе ви се наталожат проблеми“ – рече Димовски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, на тоа реплицираше дека се против разгледување на закони во скратена постапка, но дека дел од законите се веќе дебатирани.
„Не мислиме дека на тој начин ќе се забрза постапката, но дел се веќе донесени, а дел веќе разгледувани. Од седум закони денеска, три се дебатирани, разговаравме и за Советот за утврдување на факти, за заштита на сведоци“ – рече Тунтев.
Парламентот денеска прифати по скратена постапка да се разгледуваат: предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, предлог на закон за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, предлог на закон за изменување на Законот за здравственото осигурување, предлог на закон за изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите.
