Димовски до власта: Mора да се почитува редот во Собранието
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски денеска во Собранието на СДСМ им порача дека не можат да прават што сакаат, и дека редот мора да се почитува.
„Јас сум претседател на Комисија за прашања на избор и именување во чија надлежност се овие точки. Не дека немаат право колегите координатори пратеници да објавуваат оглас. Имаат, но редот на нештата значи, барем да не информираат дека ќе ги поднесат точките за да бидам во тек“, вели Димовски.
Димовски додаде дека дневниот ред го виделе пред 5 минути кога почнала седницата и дека не е во ред координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не биде известен што точно ќе се дискутира на седницата.
„Ниту јас сум информиран како некој одговорен на надлежно работно тело, ниту Мицевски е информиран дека се планира на денешната седница да се ставаат овие точки. Реагирам не дека не треба да се стават. Реагирам дека ова е уште еден симптом дека малце се залетува работата“, изјави Димовски.
Пратеникот рече дека мора да се почитува редот на Собранието, нагласувајќи дека владејачкото мнозинство мора да се консултира со опозицијата.
