ДИМОВСКИ ДО ТАЛАТ ЏАФЕРИ - Ставете го на гласање овој незрел предлог на Владата
По бурните ракции на јавноста и на многу интелектуалци и пратеници околу постапката за измена на Уставот, со став и пошироко објаснување се јави и Илија Димовски.
Тој потенцира дека постапката на спикерот на Собранието на Македонија, Талат Џафери, за прекин на седницата за промена на Уставот е спротивна на законите.
- Одложувањето на гласањето за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот е спротивно на Деловникот на Собранието !!!
Собранието мораше да се изјасни за оваа точка во петокот на 18.08.2023 година веднаш кога заврши дискусијата и имаше обезбедено кворум за работа во пленарната сала.
Тоа што го направи Претседателот на Собранието, г-дин Talat Dzaferi со одложување на гласањето е исто како полицаец да не бара сообраќајна дозвола за управување со камион, затоа што за точак не се бара, а нели двете се возила - напиша Димовски во неговиот долг пост.
Појасни дека постапката за изменување на Закон и други акти се едно прашање, а постапката за измена на Уставот е сосема друго прашање, и притоа извади одредби од законите.
- Претседателот на Собранието за одложување на гласањето на Предлогот за пристапување кон измена на Уставот го примени членот 165, став 1.
Но тој член воопшто не се наоѓа во главата X која ја регулира постапката за измена на Уставот.
Овој член се наоѓа во глава IX која регулира постапка за донесување на закони и други акти кои подолу во самата глава се поименично одредени.
Главата IX не може да се применува за постапката за измена на Уставот, бидејќи во Деловникот за работа на Собранието постои посебна глава за постапката за измена на Уставот.
При одлучувањето за Предлогот за пристапување кон измена на Уставот,
Претседател на Собранието мораше да ги примени одредбите од член 95 и член 96 од глава V на Деловникот, која глава од Деловникот на база на општи одредби го регулира текот на седницата на Собранието без разлика за какви точки на дневен ред се расправа.
Овие 2 члена не му даваат никакво право на Претседателот на Собранието
да одложи гласање по точка од дневниот ред за која постои посебни нормативи во посебна глава од Деловникот, а не е е дел од глава IX - се наведува во објавата на Димовски.
Во продолжение може да го прочитате целосниот пост
Во неговата објава, Димовски има и директно обраќање до Џафери, со кое ги истакнува и неговите ставови.
- Дури и кога го применувате член 165, став 1 од Деловникот Ве молам применувајте го целосно, бидејќи вие во тој член имате императивна норма која ве обврзува во моментот на заклучување на расправата да го одредите денот и часот кога Собранието ќе се изјасни. Знам дека ве нервираат ограничувањата на вашите права, ама вие сте еднаков со сите други 119 пратеници и немате моќ да излегувате од Деловникот...
Вашата одговорност е да обезбедите Собранието да функционира според Деловникот и Уставот, а не според Вашата лична желба и проценка или желбата на Владата.
Искористете го моето укажување за прекршувањето на Деловникот кое го направивте со недозволена примена на член 165, став 1, закажете продолжение на седницата, ставете го на гласање овој незрел предлог на Владата и не дозволувајте државата и политичката состојба да влезат во сериозна криза - пишува Димовски.
Фото: Принтскрин/Фејсбук
