Димовски: Директорот на Водовод веднаш да биде разрешен, нема соодветна диплома и деградира вработени
Дарко Димовски, претседателот на СУТКОЗ, на денешната прес конференција ги потврди информациите на Фактор дека Александар Атанасов станал директор на ЈП Водовод и канализација без соодветна диплома за високо образование што е спротивно на законот за јавни претпријатија, како и спротивно на условите кои беа наведени во огласот на Град Скопје.

Атанасов како што објави Фактор според добиените документи, не добил потврда на неговата диплома од Њујорк Стејт колеџот од страна на Министерството за образование и наука, бидејќи истата е од факултет кој не е признаен и кој не се наоѓа на Шангајската листа на 500 етаблирани факултети, чии дипломи се нострифицираат во Македонија.
Димовски побара градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, кој го избрал Атанасов за директор на Водовод веднаш да го разреши.
- Атанасов има несоодветна диплома за високо образование од Колеџ во Грција која и Министерството за образование и наука не му ја нострифицира. Воедно, само врз основа на непроверени изјави од потрошувачи има отстрането од работа повеќе лица, преку 700 вработени се неосновано казнети, а 300 лица со високо образование се деградирани и работат како инкасатори, рече Димовски.
Првиот синдикалец на СУТКОЗ исто така соопшти дека Атанасов бесправно избркал двајца вработени во ЈП Водовод и канализација, кои според судска одлука треба да бидат вратени на работа, но за случајот потребно е да се произнесе и Апелациониот суд.
