Димитров жали што не помина амандманот со кој се осудува бугарската реторика
Откако Европскиот Парламент не го усвои амандманот со кој се осудува бугарската реторика кон нашата земја, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров изрази жалење што не помина амандманот на Зелените и Социјалистите.
Тој го поздрави усвојувањето на Извештајот на Република Северна Македонија. Амандманот преку кој се осудуваше провокативната реторика на Бугарија кон Северна Македонија не помина поради блокада на европратениците од Европската народна партија и Европските конзервативци.
„Сакам да го поздравам усвојувањето на Резолуцијата на ЕП со големо мнозинство, вклучувајќи го и компромисот кој е постигнат околу вордингот за пристапувањето дека билатералните прашања не смеаат да бидат користени за блокирање на пристапниот процес. Но не можам да избегнам да не ги спомнам некои од амандманите за кои се гласаше денеска. Сакам да изразам жалење и разочараност што беа усвоени амандманите 3 и 4 поднесени од ЕПП-групата, и би сакаал да изразам жалење што амандманот 2 поднесен од Белка, Пицула, Фајон и Шидер не доби поддршка од мнозинството“, изјави Димитров во обраќањето на 18. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Северна Македонија и ЕУ.
Димитров кажа дека на неколку дена од изборите во оваа соседна земја, ние сме посветени да продолжиме со билатералните напори, вклучувајќи ги и напорите на португалското претседателство, за изнаоѓање начин да го надминеме прашањето, со цел да создадеме ситуација во која Софија, ќе им се придружи на земјите-членки и да се постигне консензус во однос на усвојувањето на преговарачката рамка.
