Димитров за Косово во УНЕСКО: Македонија ова прашање го третира со исклучителна внимателност
Одлуката во однос на барањето на Косово за членство во УНЕСКО Македонија ќе ја донесе врз основа на интересот на Косово, Србија, но и согласно сопствените интереси, што ги вклучува и интересите на припадници на албанската заедница, рече министерот за надворешни работи Никола Димитров на заедничката прес-конференција денеска во Скопје со косовскиот колега, Беџет Пацоли.
„Македонија ова прашање го третира со исклучителна внимателност, бидејќи се работи за прашање што дели двајца наши соседи, кои сакаме да бидат на иста страна. Ние нема да имаме клучна улога во тој процес и откако ќе дојде на дневен ред ќе ги имаме предвид интересот на нашите пријатели од Косово, интересот на нашите пријатели од Србија и ќе донесеме одлука согласно интересите на Република Македонија, што ги вклучуваат и интересите на нашите сограѓани, кои се припадници на албанската заедница“- вели Димитров.
Тој напомена дека сите држави на Балканот треба што побрзо да ја прифатат перспективата дека нема страни, дури и за најделикатните прашања, бидејќи како што рече „сите заедно еден ден ќе се најдеме на иста страна“.
Пацоли смета дека членството на Македонија во меѓународните организации, го зголемува и квалитетот на животот на граѓаните во Косово и напомена дека овој процес оди и во обратна насока.
„Ја поддржуваме Македонија и ја очекуваме нејзината поддршка. Ние сме две соседни земји и соседот не се избира. Нашата судбина е да соработуваме“ - вели Пацоли.
Двајцата министрите на денешната средба во Скопје се договориле да одржат заедничи владини седници, при што првата е закажана за почетокот на следната година.
Беџети истакна дека на средбата било разговарано за можностите за инфрастуктирно поврзување, отстранување на бариерите во транспорот и трговијата, зголемување на обемот на рамена на стоки и услуги.
Шефот на косовската дипломатија напомена дека е разговарано и за можноста за слободна економска зона, како и можноста царинењето да се прави на едно место.
