Димитров: За Грција е важно Македонија да успее, да има стабилен и просперитетен сосед
Важно е и за Грција да го препознае новиот момент во Македонија и да го поддржи, изјави денеска министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во пресрет на посетата утре на неговиот грчки колега, Никос Коѕиас на Скопје.
Вели дека е важно да воспоставиме отворена релација, да видиме што е најважно за Грција и да го објасниме тоа што е најважно за Македонија.
„Убеден сум дека со упорност и отвореност, со пораката дека и за Грција е важно Македонија да успее и има стабилен и просперитетен сосед. Грција е постара демократија од нашата, член е на ЕУ и НАТО и има многу важна геостратешка позиција регионот. Мислам дека може да игра важна улога во зацврстување и буткањето на целиот регион на Балканот. Важно е и за Грција да го препознае новиот момент во Македонија и да го поддржи“- изјави Димитров.
Главна тема на разговорите со Коѕиас се очекува да бидат можностите за проширување на мерките за градење доверба.
„Имаме досега најголема делегација од 15 претставници што денеска се враќа од Атина, а целта е да се прошират мерките за градење доверба во повеќе области и да се направат пореални и да се имплементираат“ - рече Димитров.
Посочи дека се направени два клучни чекора што не се директно поврзани со разликата околу името, но го отсликуваат духот и новата надворешна политика на Македонија.
Во Грција немаат големи очекувања од посетата на Коѕиас утре на Скопје.
