Димитров за грчки медиум: Белата страница што ја свртевме сега треба да ја испишеме
Свртивме страница, се наоѓаме целосно во нова ера, но оваа страница е бела и сега ќе треба да ја испишеме, вели министерот за надворешни работи Никола Димитров во интервјуто за грчкиот весник „Ефимерида тон синдактон”, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што пренесе МИА шефот на дипломатијата објаснува дека сега постојат многу предизвици, прво практични, кои се однесуваат на промената на името, а потоа оние кои што се поврзани со имплементацијата на вториот дел од договорот „важен за ослободување на огромен потенцијал за соработка и пријателство”.
– Цврсто верувам дека нашите две земји се природни сојузници. Соседи сме, во Европа сме, Грција секако е поголема земја, меѓутоа во современиот заемно зависен свет сите можеме да добиеме од соработката, вели Димитров.
Министерот за надворешни работи вели дека политичарите кои се на власт мора прво да мислат на интересот на земјата, а потоа на партискиот интерес.
– Во нашето време, во светот не се случува често да гледаш политичари кои повеќе мислат на следните генерации, а помалку на следните избори, потенцира Димитров „Ефимерида тон синдактон“.
