Економија, финансии, бизнис

Контакт

Димитров во Словенија ќе ја расчистува „аферата“ ИФИМЕС

Димитров во Словенија ќе ја расчистува „аферата“ ИФИМЕС

Никола Димитров, вицепремиерот за евроинтеграции, денеска престојува во официјална посета во Словенија, во ситуација кога вчера министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, веќе имаше разговор со шефот на словенечката дипломатија Анже Логар за Институтот за балкански и блискоисточни студии (ИФИМЕС) од Љубљана.

Бугарија го смета овој инстут за непожелен, кој работи во интерес на Македонија, и дека истиот го организирал поднесувањето на амандманот за осуда на провокативната реторика на Бугарија кон Македонија во Европскиот парламент, кој патем не беше прифатен.

Предвидено е вицепремиерот Димитров покрај средбата со Логар, да се сретне со словенечкиот претседател Борут Пахор, претставниците на Комитетот за европски работи во словенечкиот Парламент, како и со пратениците од Комитетот за надворешна политика, а меѓу соговорниците за европската иднина на Македонија ќе бидат и европратеничката Тања Фајон.

Бугарската вицепремиерка Захариева вчера оствари телефонски разговор со Логар.  Како што јави дописникот на МИА од Софија, Захариева и Логар разговарале и за низата „анализи“ објавени од словенечката невладина организација Меѓународен институт за Блискоисточни и балкански студии, чија цел, според Захариева, е дискредитација на Бугарија со лажни и манипулативни информации.

Логар ја уверил Захариева дека словенечката Влада не ги користи анализите на институтот. Захариева, пак, за време на разговорот истакнала дека солидарноста е најдоброто оружје против јавните кампањи за дезинформации и говор на омраза, кои служат за интересите на земјите што не се членки на ЕУ и имаат за цел да и наштетат на Унијата. 

Шефицата на бугарската дипломатија ја прозива македонската влада да се огласи за ставовите изразени во анализата изготвена од Институтот за балкански и блискоисточни студии (ИФИМЕС) од Љубљана. Таа забележува дека Владата не само што не ги осудила ставовите во анализите на ИФИМЕС туку го нарекла овој институт „реномиран“. 

Слично

Поврзани вести