„Веројатно ќе беше разочарување само за членството и за симпатизерите нивото на кое е паднато Здружението што се претставува како политичка партија, ама фактот што таа групација претендира да е вистинска политичка алтернатива го прави нивното гротескно дејствување дебакл. Дебакл и за општеството и за целата демократија“, ова на својот фејсбук профил синоќа го напиша Никола Димитров, вицепремиер за евроинтеграции, по најавата за интерпелација од ВМРО-ДПМНЕ.
„Интерпелацијата со којашто ми се заканија денеска, во период кога државата е соочена со сериозни предизвици, а јас лично сум мета на напади од разни центри што директно се борат против македонските интереси, всушност само помага самите тие да се нацртаат во графата каде суштински припаѓаат - рамо до рамо токму со тие центри, како тотални политички и државни деструктивци, изгубени и прегазени од чекорот на времето и процесите што им се одвиваат пред нос, додека тие во своите антимакедонски лаборатории го создаваат она од што и самите се изградени - интриги, завери, лаги и конструкции“, напиша вицепремиерот.
Очајниот обид, според него, за создавање на внатрешен раскол во Владата, е на иста линија и оди далеку над политичката прагма и нивната битка против нас како политички противници. Во ова историско премрежје и овој контекст, ова е директен напад кон самата држава и нејзините институции како столбови и носители на суверенитетот.
„Најголемиот пораз за нив, сепак е вистината и фактот што во сите битки на македонската држава денес, предавниците никогаш не биле на оваа страна од приказната.
Тоа ќе го суди и историјата, ама и блиската иднина.Таа тежина е залепена за нивните плеќи и со (само)залажувањето дека е на туѓите станува само поголема и поопасна. Нека си ја носат!“, напиша Димитров.
Претеникот од ВМРО-ДПМНЕ, пак, Антонио Милошоски, преку фејсбук праша дали интерпелацијата за Димитров е закана?
„Пола мандат на Димитров му помина во лајкови за добиениот лажен датум и стипендијата, а другата половина во плачење за тоа кои други актери се криви за неговите неуспеси. Министерот што во година ја манипулираше јавноста дека ги решил сите спорови со соседите на "Нашата Земја" и затоа добиваме безусловен датум за ЕУ, денес плаче што условувањето на Македонија и донесе неколку вета, и многу понижувања. За ваквиот дебакл на надворешната политика не е крива градоначалничката на Арачиново Милкие Халими, туку вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров
Дополнително, министерот кој пола година бега од Собранието сега тврди дека најавата за негова интерпелација била закана за него и за државата?! Боже, Петра, каков плачко! Прво, старомоден его-трип денес е било кој министер да се поистоветува со државата, па макар тоа бил и во 2018та избраниот маж-со-стил на годината на гала вечерата во "Тренд Бар". Второ, интерпелацијата не е закана, туку демократска контролна алатка за секој владин функционер, утврдена во членот 45 од Деловникот на Собранието, од кое размазениот Димитров бега со месеци.
Решение за избегнување на интерпелацијата е поднесувањето оставка, нешто што веќе и блискиот соработник на Заев од Битола, Кирацовски, јавно го побара од Димитров. Но, без разлика на внатревладините интриги околу тоа дали Заев, Димитров или Османи е поодговорен за дипломатскиот дебакл со лажниот датум и понижувачкото вето, размазениот министер сепак треба да го надмине стравот и да се појави пред пратениците за експликација на неуспехот“, напиша Милошоски на својот фејсбук профил.