Димитров вели дека Путин требаше да ги изгуби сите македонски симпатизери
Eкс министерот за надворешни работи и вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров вели дека зад агресијата врз Украина стои рускиот претседател Владимир Путин и неговиот страв од демократска и слободна соседна Украина, како и желбата за враќање назад во историјата, историски ревизионизам.
Вели дека за нас, како мала земја, принципите се егзистенцијално важни.
„Судејќи според јавните протести против војната во Русија, земја каде е опасно да се излезе на протест, прашање е колку рускиот народ ја одобрува оваа војна. Нападот врз една независна држава која не е закана, која со ништо не ја испровоцира оваа војна е напад врз слободниот свет, врз европската безбедност и врз светскиот поредок што почива на Повелбата на ОН. Ако слободниот свет ова го дозволеше без драматично одлучен одговор, сите ќе се вратевме во џунглата и законот на голата сила. Особено по говорот на Путин, кога ја нарече Украина вештачка творба на Ленин, без право да постои, тој требаше да ги изгуби сите македонски симпатизери. Сите до еден“, оценува Димитров.
Украина добива поддршка од повеќе земји кои ќе помогнат со вооружување, а Русија е под санкции кои ја урнаа вредноста на рубљата.