Димитров вели дека Бугарија отвора прашања кои се антиевропски
Главен проблем во однос на бугарското вето е тоа што Бугарија под прекривката на добрососедските односи и европската интеграција, отвора прашања кои во суштина се антиевропски, изјави вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за српскиот неделник НИН.
Вели дека кога ЕУ не ги исполнува ветувањата, драматично се намалува довербата во нејзината посветеност на регионот.
„Ако вам соседот ви го оспорува јазикот, нешто што е исклучително ваша суверена работа и не може да биде предмет ниту на признавање ниту на негирање од друга држава, тоа никако не води кон зрел однос помеѓу две европски држави, заснован на заемно почитување. Како нашиот македонски јазик може да претставува проблем за интеграција во ЕУ, во еден сојуз кој ги слави и негува културната и јазичната разноликост на европските народи како своја фундаментална вредност? Затоа, доведувањето во прашање на идентитетот на македонскиот народ истовремено го загрозува и европскиот идентитет на Унијата. Дали воопшто ЕУ ќе постоеше ако предуслов за нејзиното основање беше сите земји членки да имаат целосно исти погледи на сите историски прашања? За голем дел членки на ЕУ ваквите спорови се целосно нерационални и неразбирливи“, вели Димитров.
Тој го коментира и интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС во кое тој кажа дека Југославија била пречка за добрите односи меѓу Македонија и Бугарија. Димитров вели дека тоа интервју било знак на добра волја кон Бугарија, гест на емпатија и разбирање. За Југославија вели дека ќе ја паметат по позитивни работи и дека таа придонела било каде во регионот да се чувствува како дома. Инаку, Чешка и Словачка го блокираа усвојувањето на заклучоците за проширување на Западен Балкан во Советот на ЕУ бидејќи не се согласуваат со текстот во нацртот кој се однесува на Северна Македонија, објави на Твитер новинарот Ернест Бунгури.
