Димитров: Треба да изградиме нов имиџ на демократска Македонија
Министерoт за надворешни работи Никола Димитров ги претстави реформските приоритети на новата влада на Скопје во Центарот за европски политики во Брисел.
Како што соопштија од неговиот кабинет, тој истакна дека интеграцијата во ЕУ е главна стратешка цел и дека мерките утврдени во Планот 3-6-9, се доказ за амбицијата за нејзиното спроведување.

„Овој план е всушност патоказ кој предвидува одредена динамика на активности кои треба да дозволат охрабрувачка европска перспектива. Истовремено, овој план претставува тест за политичката волја и капацитет да се соочиме со предизвиците и да одиме по патот кон ЕУ. Брисел може да направи квалитативен пробив во регионот и треба да покаже лидерство во политиката кон Балканот. Ова е многу важно, бидејќи местото на Балканот е во ЕУ“, рече министерот.
Според неговите зборови, реформата на Владата е ориентирана кон иднината.
„Ние треба да градиме нов имиџ на модерна демократска држава во која институциите постојат за граѓаните, а не за елитата, а буквата на законот се применува подеднакво за сите. Реформите дома се наш најсилен аргумент за нашето европско досие“, посочи првиот дипломат на Скопје.
