Димитров: Силјановска го згрешила слоганот
Никола Димитров, министерот за надворешни работи, вели дека предизборниот слоган „Правда за Македонија“ на кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова треба да се протолкува на поинаков начин.
„Возам кон состанок сабајлево и ги гледам билбордите “Правда за Македонија”. Навидум, ова изгледа многу контрадикторно. Кандидатката на групата чија основна цел од денот кога ја слушнавме првата бомба до денес е да се избега од лична одговорност, па макар тоа да значи напад на Собранието или закопување на сопствената држава, стокмиле ваков слоган. За да се разбере, треба да се употреби нивниот специјален речник. Правда значи неказнивост, а Македонија значи партијата. Слоганот всушност е “Неказнивост за партијата”. Или уште попрецизно, за тесниот круг луѓе на врвот на партијата. Татковината тука за жал е само заложник и ништо повеќе“, напиша Димитров на својот профил на социјалните мрежи.
Димитров како дел од владината коалиција му дава поддршка на Стево Пендаровски во претседатеските избори, иако одредени мненија го искритикуваа дека не е многу активен во кампањата.
